По многу години успешна работа – македонски клуб оди во историјата!

Тимот на Кузман Вардар, кои долги години се натпреваруваше со свои екипи во сите младински категории, но и во сениорска кај дамите, престанува со функционирање.

Со емотивна објава на социјалните мрежи, овој клуб најави дека не се работи за лесна одлука, но е донесена со чисто срце и мирна совест.

„Драги пријатели, поддржувачи и членови,
Со многу емоции, ве информираме дека РК Кузман ќе стави пауза во своето функционирање, по цели 10 години посветена работа, раст и заеднички успеси. Некои одлуки не се лесни, но кога се носат со чисто срце и мирна совест, знаеме дека се правилни.
Започнавме со многу ентузијазам и големи амбиции и веруваме дека успеавме да ги реализираме најголем дел од нашите цели. Низ нашата приказна поминаа околу 500 членови. Имавме репрезентативци, најдобри стрелци во лигата, а нашите играчи често беа препознаени како засилувања во најдобрите клубови.
Одлуката беше тешка, но веруваме дека е правилна затоа што нашите членови заслужуваат уште подобри услови. Заедно со играчите, на крајот од сезоната 2023/24 одлучивме дека сезоната 2024/25 ќе биде последната заедничка сезона за нашиот клуб.
На сите играчи кои посакаа да продолжат со својата ракометна приказна им помогнавме да добијат нови и стабилни клубови. Девојките уште минатата сезона преминаа екипно во РК Металург, а оваа година заедно со нивниот тренер Мери продолжуваат во ЖРК Металург Автокоманда.
Во овие 10 години не создававме само играчи – туку вложувавме во создавање на добри луѓе, градење карактер, пријателства, позитивна енергија и здрави навики.
Бескрајна благодарност до сите вас кои не избравте да бидеме вашето прво ракометно семејство. Ви благодариме на сите компании и поддржувачи што верувавте во нас и ни помогнавте да обезбедиме подобри услови за децата.
Посебна благодарност до нашите тренери: Аце, Стефан, Кико, Ева – кои оставија свој белег во нашето постоење, и заедно со тренерот Александра, вложија сѐ од себе за децата да чекорат по вистинскиот пат.
Зад нас остануваат 10 незаборавни години, полни со преубави приказни и спомени кои ќе ги носиме засекогаш.
Каде и да ве однесе животниот пат, ви посакуваме најпрво добро здравје, многу успеси и среќа во сѐ што правите.
Телефонот на РК Кузман е достапен како и до сега 24/7“, се вели во објавата на ракометниот клуб Кузман Вардар.