По исфрлувањето на Лудвигсбург од ЛШ, промени и во ЛЕ

По замената на банкротираниот германски тим Лудвигсбург во Лигата на шампиони за сезоната 2025/26 со норвешката Солa, Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави промени во системот на натпреварување и во Лигата на Европа.

Норвешкиот тим првично беше меѓу четирите директно пласирани екипи во групната фаза на ова второ по ранг европско натпреварување.

Солa беше рангирана заедно со Турингер од Германија, Никобинг од Данска и Корона Брашов од Романија. По одлуката донесена на 5 август, Солa ќе го пополни испразнетото место на Лудвигсбург во групата Б од Лигата на шампиони, што остави отворена позиција во групната фаза на Лигата на Европа.

Со оглед на новонастанатата ситуација, ЕХФ направи адаптација на системот на натпреварување, при што Тертнес Берген, уште еден норвешки клуб кој првично беше предвиден да игра во третото квалификациско коло, ќе игра директно во групната фаза.

Како последица на тоа, нивниот првично извлечен противник од третото квалификациско коло – победникот од дуелот во второто коло меѓу Мошонмаѓаровар од Унгарија и Јонијас од Грција, исто така ќе се пласира директно во групната фаза.