Тимот на Металург Автокоманда денеска официјално го претстави своето најново засилување.
Станува збор за Ана Марија Коларовска, млада но веќе докажана бековска ракометарка, која од ова лето ќе го носи дресот на тимот од Автокоманда.
Коларовска зад себе има богато домашно искуство – со четири титули во Женската Лига, како и два пехари од Купот на Македонија. Таа беше и дел од сениорската репрезентација на Македонија на ЕП 2024.
Од клубот велат дека се задоволни од трансферот и веруваат дека Коларовска ќе биде важна алка во составот за претстојната сезона.
„Со задоволство ја пречекуваме Ана Марија во нашиот колектив. Станува збор за играч со искуство и победнички менталитет, кој совршено се вклопува во нашата визија“, велат од ЖРК Металург Автокоманда.
Со овој трансфер, Металург Автокоманда ја најавува својата амбиција за висок пласман и борба за трофеи во новата сезона.
Коларовска, која претходно играше за Вардар и Спартак е четвртата ракометарка од шампионот Ѓорче Петров која се пресели во Автокоманда, откако претходно потпишаа Петра Јершек, Анастасија Николовска и Ива Божиноска.