Долгогодишниот член и капитен на Рајн Некар Левен, Патрик Грецки, ќе стави крај на својата професионална играчка кариера по завршувањето на сезоната 2025/26, објави клубот од Манхајм.
36-годишниот крилен ракометар од 2022 година ја носи капитенската лента, а останува запишан во историјата на „лавовите“ како единствениот играч кој ги има освоено сите значајни трофеи со клубот – Купот на ЕХФ во 2013 година и Купот на Германија во 2023 година. Со репрезентацијата на Германија освои бронзен медал на Олимписките игри во Рио 2016.
По крајот на играчката кариера, Грецки нема да го напушти клубот – тој ќе остане дел од структурата на Рајн Левен, иако неговата нова функција сè уште не е официјално објавена.
„Доаѓа моментот кога секој професионален спортист се соочува со крајот на кариерата. Рајн Некар Левен за мене е дом веќе 19 години, не само во спортска смисла. Тука стекнав пријатели за цел живот. Возбуден сум за новото поглавје во мојот клуб – ќе се соочам со нови предизвици, а како и досега, ќе дадам сè од себе за Рајн Некар Левен, само во нова улога,“ изјави Грецки.
Грецки настапува за Рајн Некар Левен од 2007 година, во текот на целата професионална кариера.