Германски Магдебург издржа 15 месеци без пораз во лигата на шампионите, а Барселона беше клубот што ја прекина серијата на Германците, откако триумфираа на гостински терен 36-29.
Последен пат Магдебург загуби во декември 2024 година и тоа кај Нант, и оттогаш немаше пораз. Ова е само втор пораз за Магдебург сезонава воопшто, бидејќи загуби пред некоја недела и во Бундеслигата од Кил.
Сега Барселона е нов лидер во Б групата од лигата на шампионите и има 24 бода, еден повеќе од Магдебург. Каталонците се реваншираа за поразот на домашен терен на почетокот на сезоната што го имаа, и сега само го потврдија лидерското место и директниот пласман во четвртфиналето. Таму е и Магдебург, а екипите од 3 до 6 место ќе играат во осминафинале против екипите од А групата.
Барселона веројатно ќе ја заврши групната фаза на прво место, а во последното коло на гости му доаѓа Еурофарм Пелистер.
Алекс Гомез постигна 7 гола за Барселона, а по пет дадоа Јанц и Макуц. Кај домаќините Клар даде 7 гола, а Хорнке еден помалку.


























