Екс тимот на Лазаров се врати меѓу најдобрите – по 14 години, Сиудад Реал ќе игра во Асобал!

По 14 години тишина, ракометната гордост на Сиудад Реал се врати таму каде што припаѓа — во елитната Лига Асобал! Клубот во кој некогаш играше Кирил Лазаров, предводен од легендата Сантјаго Урдиалес го оствари својот сон и избори историска промоција за сезоната 2025/26, оживувајќи ги повторно ракометните страсти во овој дел од Шпанија.

По згаснувањето на славниот Сиудад Реал, трикратен европски шампион, но и неговиот краткотраен наследник Алтелтико Мадрид, ентузијасти решија да ја продолжат традицијата, враќајќи го името Касерио Вигон, оригиналното име на клубот од 1983 година.

Со стрпливо градење од самото дно, клубот чекор по чекор се искачуваше – во 2013 мажите и жените играа во Третата и Втората лига, а вистинскиот пробив дојде во 2022 година со влез во Втора лига.

Оваа сезона беше историска. Клубот стана првиот второлигаш кој стигнал до четвртфинале во Кралскиот Куп, елиминирајќи три Асобал тимови!

Во лигата, тимот заврши на второто место со 46 поени, а салата по долго време повторно беше полна. Во полуфиналето од плеј-офот беа подобри од Пуерто Сагунто (30-23), а во финалето следуваше триумф над Сан Пабло Бургос (31-27). Херои на натпреварот беа 39-годишниот ветеран Анхел Перез со девет гола и 18-годишниот супер талент Маркос Фис со 12 гола — син на поранешниот репрезентативец Хулио Фис, кој веќе дебитираше за сениорската репрезентација на Шпанија.

Во центарот на овој успех стои Сантјаго Урдиалес, тренерот кој од 2015 го води клубот. Поранешен репрезентативец на Шпанија и поранешен играч на Сиудад Реал денес е симбол на стабилност и страст.

Со преку 1.500 сезонски билети, над 300 деца во младинската школа и активни социјални проекти, Касерио Сиудад Реал е многу повеќе од ракометен клуб — тоа е гордоста на Сиудад Реал.