Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер забележа нова победа во домашното првенство, откако во Битола го совлада Тиквеш без особени проблеми со 40-23. Клучната залиха за битолчани беше обезбедна во финишот на првиот дел, кога беше плус пет, во вториот дел голманот Ивиќ имаше серија интервенции, Алонсо им даде шанса на повеќето ракометари од клупата, но на крајот шампионот славеше убедлив триумф.
Новиот стратег Раул Алонсо по дебито во ЛШ, го водеше за првпат тимот и во Супер лигата и може да биде задоволен од изданието на неговите избраници. Кавадарчани беа на овој меч без првиот стратег Кристијан Грчевски, па тимот го водеше Боро Ѓорѓиев, а се уште во фаза на рехабилитација се Симиќ и Шулески.
За составот на битолчани не беа во комбинација Печурица, Манасков, Петровиќ и Цикатиќ, додека Костески се уште не е подготвен за камбек на теренот.
Кавадарчани отворија со водство 3-1, но потоа домаќините ја преземаа контролата на теренот. Имаа плус два, 5-3, па 6-4, а гостите преку Мијатовиќ и Кривокапиќ успеваше да одржува рамнотежа дваесетина минути.
Тогаш шампионот нагази, обезбеди добра залиха од пет погодоци, 18-13, и веќе беше јасно каков тек ќе има овој натпревар. Капитенот Кузмановски не влегуваше на теренот во воторот полувреме, Алонсо изротира повеќе ракометари, но тоа не се почувствува на теренот и предноста се триплира.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Богдан Радивојевиќ со седум и Петар Атанасијевиќ со шест гола, додека по пет пати во листата на стрелци се запишаа Павле Атанасијевиќ и Цветан Кузманоски. Во составот на Тиквеш, Игор Кривокапиќ даде седум погодоци.
Еурофарм Пелистер в четврток го очекува дуел од Лигата на шампионите против унгарскиот Веспрем, а потоа ќе игра на гости кај Струга, додека Тиквеш ќе се пресмета со Пролет на домашен терен следниот викенд.