Питлик удри по Фленсбург: Клубот ме остави сам!

Данскиот репрезентативец Симон Питлик јавно го изрази своето незадоволство од односот на неговиот клуб Фленсбург по ситуацијата со транспарентот на навивачите и најавениот трансфер.

Питлик, кој е под договор со Фленсбург до летото 2027 година, веќе го потврди заминувањето, а според информациите, Фуксе Берлин сака да го доведе уште во летото 2026 година и е подготвен да плати 1,2 милиони евра оштета.

„Никој не е поважен од клубот“, напишаа навивачите на Фленсбург по потврдата на трансферот во Берлин, а тоа Питлик го доживеал како директна порака кон него.

„Не можам да го разберам значењето на тој транспарент и зошто навивачите мислат дека јас се ставам над клубот. Тоа воопшто не е точно и никогаш не сум го кажал тоа. Сметам дека раководството требаше да застане зад мене и да покаже повеќе разбирање за моите чувства, но тоа не се случи. Морав сам да се справувам со целата ситуација“, изјави Питлик за данскиот „БТ“.

Тој истакна дека соиграчите биле голема поддршка, но дека од клубот немало никаква заштита.

„Моите соиграчи се грижеа за мене и ме прашуваа како сум, но надвор од теренот бев сам. Од страна на клубот немаше поддршка. Разочаран сум и се плашам дека ова може да стане тенденција – особено опасна за младите играчи кои би можеле да се најдат во слична ситуација. Она што ме загрижува е тоа што клубот не ги штити своите играчи. На крајот, токму играчите се тие што ги носат резултатите. Да се најдеш во ваква ситуација не е воопшто лесно. Сметав дека раководството требаше да иницира разговор ако сакаше да ја смири ситуацијата. Очигледно, не го посакаа тоа. Јас морам да го почитувам нивното молчење и сам да се помирам со ситуацијата. Се надевам дека односот со навивачите е добар, но искрено – не знам. Оттогаш никој не ми се јави“, заврши Питлик.

Бундеслигашот тврди дека нема никаква потреба од интервенција.

„Доколку некој играч биде лично нападнат, ние секогаш ќе го заштитиме. Во случајот со транспарентот немаше потреба од интервенција, бидејќи пораката е основен принцип на нашиот клуб и станува збор за изолиран случај. Ја примивме критиката на Симон и штом ќе се врати од Европското првенство, ќе разговараме со него. Му посакуваме многу успех на претстојниот турнир“, соопштија од Фленсбург.

Питлик ќе се пресели во Фуксе Берлин во 2027 година, но по овие случувања многу веројатно е неговото заминување уште следново лето.