ПИОНЕРИ Ф4: Четири желба, а еден трофеј – кој ќе биде пионерски првак

Иднината на македонскиот машки ракомет доаѓа од најмладите категории кои веќе ги почнале своите чекор во најпопуларниот македонски екипен спорт. Денеска се игра финалниот турнир од машкото пионерско првенство, каде три екипи се обидуваат да се искачат на тронот,, Охрид, Струга и Алкалоид, а една екипа има шанса да го задржи трофејот од лани – актуелниот шампион Аеродром.

Завршниот турнир се одржува во Охрид, а ждрепката сакаше уште на првите натпревари да има две градски дерби средби. Прво се игра „езерското дерби“ меѓу Охрид и Струга, а потоа се среќаваат Аеродром и Алкалоид.

Од четирите финалисти само Аеродром лани исто така играше на Ф4 турнирот и беше шампион. Три екипи, Аеродром, Охрид и Алкалоид обезбедија директно пласман на завршниот турнир, а Струга мораше да игра два баража натпревари за да стигне меѓу најдобрите.

Како домаќин, Охрид има за нијанса поголема фавористка улога. Тие двапати играа сезонава со Струга, и двапати победија (25-23 и 23-21). Но, сега е друга приказна.

,,Струга е нашиот ривал во полуфиналето. Сезонава имаме одиграно повеќе пријателски натпревари како и два првенствени, и одлично се познаваме. Според прикажаното во досегашниот дел од сезоната очекувам победа и пласман во финалето на Ф4. Успех за Охрид ќе биде освојување на шампионската титула. Ривалството помеѓу Охрид и Струга трае години наназад, не само во ракометот туку и во другите спортови, така што мотивацијата ќе биде голема. Децата само треба да уживаат во играта и ова да им биде награда за досега сработеното во тековната сезона, вели Александра Џамтоска, тренерот на Охрид.

Нивен противник е Струга. Нивниот тренер Жарко Феркукоски смета дека сите четири учесници на Ф4 турнирот имаат подеднакви шанси за освојување на трофејот.

,,Сите четири екипи имаат свои квалитети, мислам дека годинешниот Ф4 ќе понуди голема неизвесност, секој може секого да победи, тоа се види во групниот сегмент од сезоната. Мала предност ќе има екипата на Охрид поради домашниот терен. Некогаш тоа може да создаде голем притисок, бидејќи сите ќе очекуваат позитивен епилог на домашната екипа. Сите имаме подеднакви шанси, нека победи најдобриот в недела, вели Феруковски.

Сите го сакаат скалпот на актуелниот шампион, на Аеродром. Тие сезонава пак се меѓу најдобрите четири тимови, имаа само еден пораз во регуларниот дел, покажувајќи сила, мотив и желба пак да бидат најдобри.

,,Успех за нас е самиот пласман на завршниот турнир, со оглед на тоа што само нашата екипа успеа да се пласира на двата финални турнири и лани и годинава. Повеќе ги советувам младите ракометари како да се справат со тремата. На играчите од Аеродром не им е потребно храбрење, желба има и повеќе од потребно, вели Никчевиќ. ,Немаме притисок, во голема мера и играчите се со исто размислување. Мотив за натпреварување постои, и ке се обидеме да ја одбраниме титулата”.

ГЛЕДАЈТЕ ГИ ВО ЖИВО СИТЕ НАТПРЕВАРИ ОД Ф4 ПИОНЕРСКА МАШКА ЛИГА

Полуфинале
12:15 часот ГРК ОХРИД – РК СТРУГА

Полуфинале
14:15 часот РК АЛКАЛОИД – РК АЕРОДРОМ

НАТПРЕВАР ЗА 3-то МЕСТО
17:45 часот https://www.youtube.com/watch?v=-QpYMVXGqiw

ФИНАЛЕ
19:30 часот