Ракометарите на Охрид предводени од новото засилување на голот, Кристијан Пилиповиќ, прославија победа на гостувањето кај Бутел Скопје со 25-19. Иако Хрватот со австриски пасош имаше 12 одбрани од 25 шута или приближно 50% успешност, сепак „гладијаторите“ мораа добро да се испотат против бутелци особено во првиот дел, кога домашните пружија силен отпор. Прашањето на победникот беше решено на стартот на вториот дел, кога набрзина гостите отидоа на плус девет и не дозволија домаќинот во ниту еден момент да помисли на камбек.
Oхриѓани предводени од Пилиповиќ поведоа по десетина минути со 6-1 и домашниот стратег Горан Кузманоски мораше да бара тајм-аут по кој неговите момци заиграа подобро, иако претходно промашија два пенали. За кратко време домашните покажаа карактер и преку десниот бек Узунчев погодуваа четири пати во серија за 6-5, а по грешки на охриѓани и Ројевиќ реагираше со минута одмор за неговите момци.
По промашувањата на Ѓукиќ и Лиапис, Бутел доби шанса и за реми што беше искористена од Каевски за 7-7. Петриќ се разигра и тој го одржуваше Охрид во позитива, но домашните брзо враќаа во играта гол за гол. Во финишот на полувремето беше 10-10, следуваа по неколку грешки на двете страни, но Иванковиќ беше прецизен два пати по ред, потоа и Ојлески за 13-10, а вистинско ремек дело за ТВ шпици се случи во последната секунда.
Имаше фаул за домашниот тим, но пивотот Михајловиќ не додаваше, туку веднаш се обиде да бие и со атрактивна шрауба од девет метри го погоди голот на Пилиповиќ, за 13-11 за Охрид на паузата. Во вториот дел комплетно доминираше гостинскиот тим. Узунчев беше одлично затворен од охриѓани, Пилиповиќ продолжи да брани одлично, а домашните не беа прецизни во нападот како претходно.
До 48 минута Бутел погоди само два пати, а за тоа време Охрид се одлепи на плус девет, 22-13 и немаше дилеми околу победникот на овој дуел, а во последните десетина минити екс голманот на Бутел, Бојан Блажески, застана на голот на Охрид. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Иванковиќ и Петриќ со по четири погодоци, додека кај Бутел Скопје одличен беше голманот Трајкоски 11 одбрани, а девет гола даде Димитар Узунчев.
Во следното коло Бутел Скопје му гостува на Тиквеш, додека Охрид ќе игра дома со Пролет.
























