Ракометарите на Охрид по пласманот во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп се во добар моментум и посакуваат продолжување на победите и во Супер лигата.
Следен гостин во Охрид ќе биде вицепрвакот Вардар, кој исто така има успешна сезона во Европа и пред ова гостување обезеди место во ТОП 16 во Лигата на Европа.
Охрид веќе победи на домашен терен еден од фаворизираните состави – тимот на Кирил Лазаров, а голманот Кристијан Пилиповиќ кој веднаш по доаѓањето покажа дека се работи за квалитетно засилување го најави дерби двобој со „црвено-црните“.
„Вардар во моментов е најдобрата екипа во македонската Супер лига, немаат изгубено ниту еден бод. Верувам дека имаме квалитет и навивачи зад нас за да дојдеме до победа против Вардар во сабота. Ќе дадеме се од себе за тоа да го оствариме“, изјави Пилиповиќ.
Натпреварот меѓу Охрид и Вардар се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19:30 часот.
























