Ракометарките на Куманово незаслужено загубија со седум гола во првата пресметка со литванскиот првак Каскада, 32-25, иако можеа да се вратат дома со помала негатива.
Но претстои реваншот во градската сала во Куманово, каде избраничките на Славиша Димитријески ќе имаат шанса да покажат дека мечот во Литванија беше само слаб ден.
Кружниот напаѓач Марија Петреска, која го изнесува најголемиот товар на линијата од шест метри, ги сподели очекувањата пред реваншот.
„Подготовките за реваншот течат интензивно и според планот. Иако сметаме дека можевме да извлечеме подобар резултат од гостувањето, го прифаќаме постоечкиот резултат како предизвик кој е целосно достижен за надоместување, посебно на домашен терен“, вели Петреска.
Стружанката смета дека поддршката од публиката ќе биде значаен фактор во потрагата по позитивен резултат.
„Атмосферата во тимот е позитивна и сите сме мотивирани за победа. Го почитуваме квалитетот на противникот и нашиот фокус е целосно ставен на претстојниот реванш. Веруваме дека со енергија и борбена тимска игра можеме да ја надоместиме негативата и да обезбедиме позитивен резултат. Поддршката од публиката е клучна и е огромна мотивација за нас. Дефинитивно очекуваме поддршка во поголем број која ќе ни помогне да го дадеме нашиот максимум за победа и пласман во следна рунда“, заврши Петреска.
Натпреварот меѓу Куманово и Каскада ќе се игра утревечер во градската сала во Куманово со почеток од 19:00 часот.