Петмина Македонци на терен, еден покрај аут-линија, се играше мак-двобој во Германија!

Тимот на Аполда, каде што играат тројца Македонци, а тренер е Игор Тоскоски, славеше во дерби двобојот од регионалната Турингиа лига во Германија против Сул, каде што играат уште двајца македонски интернационалци.

Аполда на Дејан Гошевски, Христијан Милошески и Пеце Ѓорѓиески го победи Сул на Јане Јанчев и Ангелче Органџиев со 32-25 во клучниот натпревар за првото место на табелата.

Во Сул играат уште две познати имиња за македонската јавност – екс членовите на Еурофарм Пелистер, Владислав Остроушко и Олександр Шевелев.

На овој дуел, Милошески беше прв стрелец во победничкиот состав со 11 голови, а шест даде Гошевски, додека Јанчев даде два за Сул.

Аполда е прва на табелата со 36 бодови, додека Сул по 19 меча има 31 бод на второто место, а на Аполда и треба еден бод во последните три кола да го потврди пласманот еден ранг погоре, односно во четвртата по ранг конкуренција во Германија.