Петковиќ ја откри вистината – Јовиќ ме избрка од Загреб, го нападна и Дибиров…

Поранешниот тренер на Загреб, Велимир Петковиќ, конечно ја откри вистинската причина за неговото изненадно заминување од клупата на хрватскиот шампион.

Во искрено интервју за „Спортске Новости“, искусниот стратег тврди дека не бил отпуштен поради резултати или незадоволство на играчите, туку поради директен конфликт со спортскиот директор на клубот – Божидар Јовиќ.

„Сè почна на натпреварот со Нексе. На полувремето тој упадна во соблекувалната и почна да вика на играчите. Му реков дека тоа не е негово место. Во еден момент вербално го нападна и Тимур Дибиров, кој стана, му се внесе во лице и му рече дека не дозволува никој со него така да разговара. Сакав тоа да го смирам, а Јовиќ ми рече да не се мешам, бидејќи е мој шеф. Од тогаш, мојот однос со него стана невозможен“, изјави Петковиќ.

Ситуацијата кулминирала со, како што тој вели, „многу непријатни сцени“. Јовиќ не само што ја преминал границата на професионалниот однос, туку, според Петковиќ, започнал кампања против него, што на крај резултирало со негово отпуштање.

Интересен момент е поддршката што ја добил од некои клучни играчи на клубот – меѓу нив и легендарниот Тимур Дибиров.

„Тимур беше искрен. Ми се јави и рече: ‘Ова е срамота. Ти внесе ред, а те исфрлија поради личен интерес.’ Тоа многу ми значеше“, рече Петковиќ.

Од клубот официјално соопштија дека разделбата е „во интерес на тимот“, но изјавите на Петковиќ говорат за сериозна криза на релација тренер–менаџмент. Тој останува достоинствен, но видно разочаран.

„Работев со срце и со јасна визија. Не ми е прв отказ, но ваква неправда одамна не сум доживеал. Жал ми е за клубот и навивачите, но не можев да дозволам да бидам понижен“, завршува тој.

На негово место на клупата на Загреб се врати Андрија Николиќ.