Во спортската сала „Верде“ во Подгорица, како дел од Европското првенство за кадетки беше одржан едукативен настан под името „Почитувај го својот талент“ во организација на ЕХФ.
На овој инспиративен настан присуствуваа 120 млади ракометарки од 24 национални репрезентации, кои имаа можност да учествуваат во интерактивна програма и мотивациски разговори со некои од најголемите имиња во историјата на женскиот ракомет.
Меѓу нив беа и петте македонски репрезентативки кои беа прогласени за МВП на досегашните пет меча на ЕП – Марија Дуновска, Таида Беровиќ, Марија Димоска, Елена Балоска и Драгана Тодоровска.
Настанот доби посебна тежина со присуството на три ракометни легенди – Андреа Лекиќ, Катарина Булатовиќ и Барбара Аренхарт. Овие ракометарки ги споделија своите животни и спортски приказни, давајќи совети за ментална подготовка, професионален развој, одговорност надвор од теренот и балансирање на спортот со животните обврски.
Програмата „Почитувај го твојот талент“ има за цел да им помогне на младите спортист(к)и не само да напредуваат во ракометот, туку и да станат одговорни личности, подготвени за предизвиците што ги носи професионалниот спорт – и на теренот и надвор од него.