Пет црвени картони го одбележаа натпреварот во Богданци, кој домаќинот Младост го доби против Астраион со 32-21. Три добија домашните ракометари, додека два имаше кај гостите.
Богданчани отворија со водство од 6-1, пред гостите од Струмица да останат без Душан Ангелов, кој имаше приговор на една судиска одлука на Иван Јованов и Драган Јовановски, па доби црвен картон и син картон.
Во продолжение Младост имаше и плус осум, 14-6, пред Астраион да остане без уште еден играч. Ристо Ѓоргиев доби директен црвен картон по еден фаул и струмичани мораа да се снаоѓаат без корпулентниот пивот.
Во следниот напад Астраион го постигна третиот гол во серија за 14-9, но Наков беше фаулиран од Митко Стоилов, кој го заработи третото исклучување, па и тој мораше да се пресели на трибините.
На стартот на вториот дел беше клучната серија за Младост кој поведе со 20-12 и веќе можеше да смета на трите бода од овој меч. Но искрите на теренот на престанаа. Мартин Прчев од домашниот тим доби директен црвен картон по еден остар старт.
Сепак тоа не беше проблем за Младост, бидејќи богданчани имаа висока предност. Во последната минута домашниот тим остана и без искусниот Никола Роглев, кој го доби третото исклучување и црвен картон.
Најдобри стрелци во победничката екипа беа Илија Чрчев и Ѓорѓе Атанасов со шест погодоци, додека пет гола даде Душан Каркалашев. Во составот на Астраион се истакна Васе Наков со пет гола.
Сега Младост Богданци е прв на табелата со 25 бода, додека струмичани остануваат шести на табелата со седум бода и со мали шанси да обезбедат место во разигрувањето за Супер лига.