Пешиќ: Притисокот е кај битолчани, нема да им биде лесно против нас

Ракометарите на Охрид по поразот од Бутел Скопје на домашен терен, ги очекува нов тежок предизвик во суперлигашкиот плеј-оф.

Охриѓани ќе му гостуваат на шампионот Еурофарм Пелистер, а искусниот кружен напаѓач Живан Пешиќ знае што да очекува во Битола.

„Не чека натпревар тежок натпревар, играме против актуелниот шампион на Македонија. Секако дека ниеден меч не е лесен во плеј-офот. Ќе дадеме се од себе за да одиграме што подобро и да оставиме подобар впечаток од тоа што беше на последниот натпревар против Бутел Скопје, но имаме уште многу до крајот и се надеваме дека ќе оствариме некоја наша зацртана цел. На никој не му е лесно кога ќе се загуби дома, но тоа е спортот, одиме понатаму, имавме лош ден и се надевам дека до крај ќе одработиме така како што се договораме“, вели Пешиќ.

Притисокот е на страна на битолчани, кои мора да ги добијат сите средби до крајот за да ја одбранат титулата.

„Тие имаат поголем притисок од нас, мора да победат. Секој меч до крајот мора да го победат за да бидат шампиони, но мислам дека нема да им биде лесно против нас. Иако играат на домашен терен, но притисокот тогаш може да биде уште поголем, бидејќи тие сакаат да станат повторно шампиони на Македонија. Тоа е сериозна, одлична екипа, која не за џабе играше во Лигата на шампионите. Нивната бековска линија игра две-три сезони заедно, воиграни се, имаат многу македонски репрезентативци и нема потреба поединично да зборуваме за сите. Тие се искусна и воиграна екипа“, заврши Пешиќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид ќе се игра в сабота во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.