За амбициозниот тим на Охрид по елиминацијата од Европа, приоритет остануваат домашното првенство и Купот на Македонија. Следен предизвик за „гладијаторите“ ќе биде уште еден дерби натпревар, овојпат на домашен терен.
По поразите на гости во Скопје и Битола од Вардар и Еурофарм Пелистер, избраниците на Стевче Алушовски ќе се соочат со „сино-белите“ од Автокоманда предводени од Кирил Лазаров.
Тимот од Автокоманда досега запиша само победи на десет натпревари, но сега оди на жежок терен, каде во минатата сезона се „лизна“. Кружниот напаѓач Живан Пешиќ очекува тежок натпревар.
„Очекувам еден тежок натпревар. Гостите имаат перспективна и млада екипа, играат од натпревар во натпревар, од година во година се подобро, и оваа сезона се меѓу фаворитите за титулата во Македонија. Ние играме на домашен терен, ќе дадеме се од себе да победиме. Атмосферата во клубот е одлична, тренираме многу, сите момци се здрави, па едвај го чекаме натпреварот во сабота“, вели Пешиќ.
Српскиот интернационалец смета дека пресудна ќе биде одбраната.
„Пресудна ќе биде одбраната и одбраните на голманите. Тие имаат многу добри бекови, но ако бидеме вистински во одбраната, ако одиграме како што знаеме и нашите голмани одбранат повеќе топки, мислам дека тоа ќе биде клучно. Треба и да имаме што помалку технички грешки во нападот“, продолжи Пешиќ.
Тој ги покани сите навивачи и посакува полна сала в сабота. Навивачката група „Рибари“ ќе прослави убав јубилеј на овој меч – 35 години постоење.
„Нашите навивачи се нашиот осми играч. Очекувам голема поддршка на овој натпревар во салата и се надевам дека ќе ни помогнат да стигнеме до целта“, заврши Пешиќ.
Натпреварот меѓу Охрид и „сино-белите“ од Автокомaнда се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 18:30 часот.