Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го очекува петтиот натпревар во Лигата на шампионите. Битолчани одат на гостување кај полската Висла Плоцк, која во последниот меч од домашното првенство го совлада Келце со 29-25.
Кружниот напаѓач на пелистерци, Жарко Пешевски, вели дека сега без притисок ќе се игра на натпреварите, но потенцира дека Висла има одличен состав.
„Ни падна тој товар од грбот. Го освоивме тој бод по долго време и тој ќе ни биде голема мотивација и на домашните и на гостинските натпревари да освојуваме нови бодови. Гостуваме кај одличен противник, екипа составена од интернационалци и одличен тренер. Висла негува малку поинаков ракомет од другите. Имаат гранитна одбрана, искусни голмани и сакаат сигурен и мирен напад. Се подготвуваме максимално и на овој дуел ако влеземе максимално подготвено, имаме свои шанси, затоа што секоја екипа во Лигата на шампионите бара слаби страни на противникот, могу видео нализи…и сметам дека ќе имаме неизвесен натпревар. Тие го победија Келце, а ние бевме подобри од Охрид во домашните првенства. Влегуваме со позитивна атмосфера и со желба да ја продолжиме позитивната серија“, изјави Пешевски.
Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Еурофарм Пелистер се игра утревечер во „Орлен Арена“ со почеток во 20:45 часот.