Пешевски пред гостувањето кај ГОГ: Секој меч е нова приказна

Еурофарм Пелистер во среда го игра еден од најважните натпревари во групната фаза од Лигата на шампионите – гостува кај данскиот ГOГ, со почеток од 18,45 часот, во меч кој директно влијае на битката за пласман во осминафиналето. Само освојување бодови му даваат надеж на битолскиот тим дека може да направи „пресврт“ и да остане во игра за следната фаза.

ГOГ е шести на табелата со осум бодови, а Пелистер седми со четири, на три кола до крајот на групната фаза. Во игра се уште шестбода кои може да се освојат.

Данскиот состав влегува со улога на фаворит и со предност во меѓусебните дуели, а првиот сезонски натпревар го доби во Битола со 31-28. Но, Пелистер има јасна цел – добар настап, резултатски исчекор и борба до крај во меч што може да биде пресвртница во европската сезона.

Од таборот на Пелистер, Жарко Пешевски порачува дека секој меч во Лигата на шампионите е нова приказна и дека тимот се подготвува посебно за секој противник:

“Секој нов натпревар во Лигата на шампионите е нова приказна. Се подготвуваме посебно за секој ривал, секој тим е различен. Мислам дека ГOГ е супер тим, со млади дански играчи и супер талент како Оли Митун, од кого се очекува за кратко време да биде еден од најдобрите. После секој европски натпревар, оваа екипа на ГOГ расте, вели Пешевски.

Тренерот на ГOГ, Каспер Кристенсен, очекува тежок дуел и нагласува дека неговиот тим ќе се обиде да го наметне својот ритам.

“Нe очекува физички тежок натпревар против Пелистер. За нас, клучно е да ја контролираме играта и да се игра според нашите услови.”

Пелистер знае што го чека во Данска, но ваквите натпревари се токму тие во кои се гради европски карактер.