Пелистерецот Хекбарт даде 15 гола – Бразил го победи Перу со 52 разлика!

Паралелно со Европското, Африканското и Азиското првенство, се одржува и првенството на Средна и Јужна Америка, каде македонската Супер лига има двајца претставници – Николас Боно од Вардар и Рудолф Хекбарт од Еурофарм Пелистер.

Аргентинскиот среден бек и бразилското десно крило играат во одлична форма, а двете селекции досега запишаа по четири победи, го обезбедија пласманот на СП 2027 и утревечер ќе играат за титулата.

Особено импресивна беше победата на Бразил над Перу со 66-14, а на овој дуел Хекбарт постигна дури 15 гола од 16 обиди! Претходно „кариоките“ ги победија Парагвај со 40-18 (Хекбарт шест гола), Уругвај со 33-25 (Хекбарт четири гола), како и Чиле со 34-21 (Хекбарт пет гола).

Aргентина досега славеше против Перу со 49-17 (Боно четири гола), против Парагвај со 45-15 (Боно еден гол), Уругвај со 35-18 (Боно шест гола) и против Чиле со 37-23 (Боно три гола).

Од првенството на Средна и Јужна Америка пласман на СП обезбедија досега Бразил, Аргентина и Чиле, а последниот учесник ќе се бара од победникот на двобојот меѓу Уругвај и Парагвај.

Покрај Хекбарт, претходно и Филип Кузмановски даде 15 гола на меч против Португалија на ЕП, па тренерот Стевче Алушовски ќе има за пролетниот дел на располагање играчи што се во одлична форма.