Пелистерците Тајник и Цехте добија репрезентативен повик за евро-квалификациите

Селекторот на машката репрезентација на Словенија, Урош Зорман, го објави списокот на ракометари за стартот на квалификациите за ЕП 2026 година.

Зорман на списокот нема неколку искусни ракометари како Доленец, Бомбач, Зарабец, Мачковшек и Габер, но како што најави селекторот вратата за нив во националниот тим не е затворена, иако е почнат процесот на замена на генерацијата.

На списокот се најдоа средниот бек од Еурофарм Пелистер – Домен Тајник, за кој ова е деби повик за сениорската селекција на Словенија, како и десниот бек на битолчани, Нејц Цехте.

Словенија е во квалификациската група 1 заедно со селекциите на Литванија, Естонија и Македонија, а за време на претстојната ЕХФ недела ќе се соочи со Литванија дома и со Естонија на гостински терен.