Унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед со нетрпение го очекува вториот натпревар против македонскиот првак Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.
Десното крило Бенјамин Силаѓ, кој е замената за Марио Шоштариќ, вели дека тој и соиграчите се сигурни дека победата не е доведена во прашање.
„Воопшто не е прашање дали ќе им се реваншираме. Сите сме убедени во тоа, тренираме жестоко, и победата и бодовите ни се неопходни. Можам да ветам нешто и тоа не се само празни зборови, дека во сите 60 минути ќе го дадеме максимумот. Победата во Битола ни беше в раце, но не ја остваривме. Тој дуел ни донесе огромна лекција и многу научивме од него. Ривалите се многу цврсти во одбраната, не избегнуваат дуели, прекршоци, понекогаш дури се и груби, па мора да бидеме подготвени за тоа. На минатиот натпревар немавме проблем со одбраната, проблем беше нападот. Мислам дека тука треба да напредуваме и уште од стартот на мечот да им ставиме до знаење дека во Сегед немаат шанси. Мора веднаш да ги ставиме под притисок“, вели Силаѓ.
Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер се игра во „Сегед Арена“ со почеток во 18:45 часот.
























