Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одработија официјалниот тренинг пред натпреварот против бундеслигашот Кил во рамките од третото коло од Лигата на шампионите.
Германскиот шампион е голем фаворит во дуелот со пелистерци, но избраниците на Александар Јовиќ ќе се обидат да одиграат квалитетен ракомет и евентуално да направат изненадување со помош на навивачите.
Составот предводен од Филип Јиха вечерва пристигна во Битола и моментално го одработува првиот тренинг пред утрешната средба.
Еурофарм Пелистер во првите две кола од европската елита беше поразен од Колстад и Алборг, додека Кил славеше против Загреб и ПИК Сегед.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Кил ќе се игра во спортската сала „Боро Чурлевски“, со почеток од 18:45 часот.