Екипата на Еурофарм Пелистер го доживеа четвртиот пораз во Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Полска кај Висла Плоцк беше поразена со 26:18 во натпревар од 5. коло од групата А. За Висла Плоцк, која на овој натпревар настапи без еден од најдобрите стрелци – Герго Фазекаш, ова беа првите сезонски бодови во европската елита.
Полскиот шампион одлично го отвори натпреварот, поведе со 5:1 во воведниот дел и до крајот на полувремето одржуваше резултатска контрола. Еурофарм Пелистер за десет минути игра постигна само два гола, преку Борзаш и капитенот Кузмановски, а прими седум. Ниту по тајм-аут на Ангеловски работите не се сменија, па така домаќините врзаа уште два гола во низа и кон средината на првиот дел дојдоа до плус седум, 9:2.
Македонскиот шампион, кој седум минути беше без реализација, кризниот приод го прекина со голот на Радивојевиќ, а потоа Кузмановски со својот втор гол намали на 9:4. За петнаесетина минути игра, голманот на Висла Плоцк, Мирко Алиловиќ, имаше три интервенции, додека Филип Ивиќ се уште беше без одбранет удар.
Висла Плоцк во 20 минута имаше предност од плус шест, 10:4. Кузмановски со два гола успеа да намали на 10:6, а до крајот на првиот дел избраниците на Хавиер Сабате не дозволија битолчани да направат целосен камбек. Следуваше период, во кој Еурофарм Пелистер заигра поангажирано и во 25 минута предноста на Висла Плоцк беше само три гола, 11:8.
Еурофарм Пелистер по пропуштените шанси за минус два, преку Дејан Манасков во 28 минута конечно намали на два негатива, 12:10. До крајот на полувремето двете екипи постигнаа по еден гол, па така резултатот по 30 минути игра беше 13:11 во корист за домашниот табор.
Домаќините за две-три минути гра во вториот дел зголемија на 15:11, a битолскиот тим првиот гол во второто полувреме го постигна во 35 минута преку Борзаш. Во листата на стрелци се запиша и младиот кружен напаѓач Самоил Ристевски. Предноста на Висла Плоцк на дваесетина минути пред крајот беше 18:13, а во 50 минута 23:15 и тука беше јасно дека бодовите ќе останат дома.
Најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со пет погодоци, кај победничката екипа прво име беше Ловро Михиќ со осум реализации.
Избраниците на Ангеловски во следното коло од европската елита на свој терен ќе се соочат со Веспрем.