Пелистерци со пораз го завршија настапот во ЛШ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз го завршија настапот на европска сцена сезонава, откако во последното коло од групната фаза беа поразени од ПСЖ со 35:26. Иако битолскиот тим не ја помина групната фаза, сепак, остави солиден впечаток борејќи се рамо до рамо, посебно на домашен терен, со посилните клубови.

Натпреварот започна со гол на Холанѓанецот Дани Бајенс, а по промашувањето на Радивојевиќ, гостите по три минути игра водеа со 2:0. Македонскиот шампион го постигна првиот гол преку Тајник, кој намали на 2:1, но тимот на Раул Гонзалез постигна два брзи гола и во петтата минута веќе имаше предност од три гола, 4:1.

До тој момент, гостинските ракометари имаа 100% реализација. Македонскиот шампион за десет минути игра постигна четири, а прими осум гола. Никола Митревски до 10-та минута имаше само една интервенција, додека на спротивната страна, Паличка имаше две повеќе.

Пелистерци имаа свој момент кога од 11:7 направија серија од 3:0, намалувајќи на само еден гол негатива 11:10. Домаќините можеа и да израмнат, но капитенот Кузмановски не успеа да реализира, па гостите ја искористија шансата и зголемија на 12:10 во 20-та минута.

Еурофарм Пелистер во периодот од 12-та до 25-та минута одигра според посакуваното, беше во негатива од еден-два гола, а во последните пет минути од првото полувреме гостинскиот тим искористи дел од грешките на домашниот тим и на пауза замина со  предност од 18:13.

„Домашниот тим во првите пет-шест минути од второто полувреме успеа да ја намали разликата на 20:17, што беше последен обид да се врати во натпреварот. Меѓутоа, до крајот на мечот, „светците” ја одржуваа стабилната предност, водеа со 26:19 во 45 минута и тука беше јасно дека бодовите ќе заминат за гостите.

Најефикасен кај Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со седум погодоци, а кај ПСЖ се истакна Елохин Пранди со осум погодоци од девет обиди.