Пелистерци со негатива на полувреме против ПСЖ

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер на свој терен игра против силниот ПСЖ во натпревар од 11. коло од Лигата на шампионите. По 30 минути игра, резултатот е 15:9 во корист за „светците“.

Францускиот тим уште на почетокот ја покажа својата доминација и само по пет минути игра дојдоа до предност од четири гола разлика, 5:1. Тимот на Ангеловски вториот гол го постигна по четири минути игра, односно во 8 минута, кога Радивојевиќ од контра напад реализираше за минус три, 5:2, минута подоцна Кузмановски, исто така од контра напад го совлада искусниот Грин.

По приближувањето на домашниот тим, ривалот од Франција постигна три гола во низа и во 12 минута дојдоа до 8:3. До првата половина од првиот дел, голманот на ПСЖ, Јаник Грин имаше четири одбранети удари, додека Урбан Лесјак беше без интервенција.

Тимот на Гонзалез со расположениот Стеинс, кој одлично ги разигруваше своите колеги, во 20 минута дојде до дотогаш највисоките плус шест, 12:6, потоа зголемија и на 13:6. Во последните пет минути се разбрани Лесјак, кој не дозволи гостите да зголемат на повисока позитива, но неговите соиграчи не успеаја осетно да намалат дел од негативата и на полувреме имаат минус шест, 15:9.