Пелистерци пружија отпор, но европскиот првак победнички си оди од Битола

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер му пружи достоен отпор на европскиот шампион Магдебург, кој ја продолжи победничката серија и со два бода си замина од Битола по триумфот со 31-26.

Бундеслигашот мораше да ги искористи сите расположиви сили за да победи на жешкиот терен и сега има девет од девет во Лигата на шампиони. Битолчани имаа свои моменти, но за позитивен резултат против ваков ривал треба да се има перфектна вечер.

Сега за македонскиот првак следува гостување кај Загреб, кое може да се покаже клучно во битката за осминафиналето, особено ако хрватскиот тим и ГОГ загубат утре од ПИК Сегед и Барселона.

Гостите отворија со водство со 4-1, но Радивојевиќ и Хенигман реализираа по грешката на Магнусон за 4-3. Имаа битолчани прилика и да израмнат, но не беше искористена и европскиот првак казни за нова предност од три гола.

Иако имаа во еден момент и двајца ракометари помалку на теренот, гостите не дозволија камбек на пелистерци, а разликата во корист на Магдебург отиде на пет, па Гарабаја мораше да бара тајм-аут по дваесетина минути игра.

Следуваше период на грешки на двете страни, македонскиот првак намали на 15-11, а потоа судиите досудија непостоечки пенал, кој Брестовац му го одбрани на најдобриот пеналџија, Магнусон.

Гарабаја реагираше на судиската одлука со право, но словачките арбитри го исклучија. По промашувањето на Магнусон, брзиот Видомски реализираше и не остана време за Магдебург, па на пауза беше 15-12 за гостите.

На стартот на второто полувреме Митревски влезе во елемент, но неговите соиграчи промашија два пати, направија и две технички грешки, кои веднаш беа казнети за 17-12. Битолчани парираа, пружаа отпор, но немаа решение за Саугструп на линијата од шест метри.

Згора на се, Хенигман доби трето исклучување и црвен картон и европскиот шампион имаше највисоки дотогаш шест гола позитива, 22-16. Во продолжение нападот се подобри, во игра се врати капитенот Кузмановски, влегоа Ристевски и Хаџиќ, па во еден момент беше и минус четири.

Сепак и покрај одличниот Митревски со 11 интервенции, одбраната во неколку наврати дозволи лесни погодоци и Магдебург до крајот одработи само рутински за победа. По пет гола имаа Радивојевиќ и Манасков, додека Саугструп беше најдобар кај гостите со шест погодоци од шест обиди.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде тешкото гостување кај хрватскиот шампион Загреб на 3 декември од 18:45 часот.