Утре во Битола ќе започне новата сезона во Лигата на шампионите, кај македонскиот првак гостува Загреб, а битолчани најавија големи изненадувања за сите присутни.
Македонскиот првак ќе организира фан-зона пред дуелот со Загреб, како и пред сите други домашни натпревари во ЛШ, а дружбата меѓу „Чкембари“ и сите останати симпатизери на битолчани ќе може да започне два часа пред стартот на мечот.
„Почнува нова шампионска приказна, која сакаме да ја пишуваме заедно со нашата армија навивачи и симпатизери и таа приказна да трае долго, долго во сезоната. Од почетокот на нашата европска сезона почнуваме нов проект со кој ќе се обидеме нашата дружба да биде подолга, поголема, позабавна…
РК Еурофарм Пелистер ја отвора својата фан-зона пред домашните натпревари од Лигата на шампионите. В среда, на десетти септември, од 18:45 часот на платото пред спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола подготвивме забавно-музичка програма и заедно со нашите партнери, Училница и Конец, ви подготвивме вкусна храна и пијалоци. Дојдете да се загрееме за она што по што надалеку сме познати – култните европски вечери во ракометна Битола.
Подготвивме новини и за време на натпреварот. Во подтрибинскиот простор на спортската сала „Боро Чурлевски“ нашите партнери Училница и Конец ќе постават свои штандови за да го направат секој наш натпревар повкусен и позабавен.
Ако уште не сте го купиле новиот дрес на шампионот и секое друго парче спортска опрема на Еурофарм Пелистер за сезоната 2025/26, шанса ќе имате пред почетокот на натпреварот против Загреб во фан-зоната и во подтрибинскиот простор“, се вели во објавата на пелистерци.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб ќе се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.