Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по поразот во Автокоманда им се врати на победите во Супер лигата, откако на свој терен славеше над Радовиш со 45:23 во натпревар од 9. коло.
Домашниот тим победата ја најави уште во првите десетина минути, на пауза замина со предност од 21:11 и рутински ги одигра вторите 30 минути, во кои гостите поради кратката клупа не можеа да ја преполоват негативата.
Најефикасен во составот на пелистерци беше Цветан Кузмановски, кој имаше девет погодоци, а го следеше босанскиот интернационалец Павле Петровиќ со гол помалку – 8.
Кај поразениот табор се истакна Филип Трајанов со шест успешни реализации, пет додаде битолчанецот Филип Талевски.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде натпреварот со Фредериција во Данска од 7. коло од Лигата на шампионите.