Помалку од 24 часа откако го прослави триумфот во Супер купот, ракометарите на Еурофарм Пелистер со победа ја почнаа и сезоната во домашната лига, славејќи 29-20 (16-10) против Бутел.
Мечот се одигра на барање на Бутел кој утре патува за Луксембург на мечот од Купот на ЕХФ. И Еурофарм Пелистер така ќе има повеќе време за подготовка за следниот меч од лигата на шампооните, во среда кога во Битола гостува Загреб.
Овој меч на Горан Кузмановски му даде одговор каде уште треба подобрувања во играта, особено за европските натпревари. Битолчани беа фаворити, така изгледаше и на теренот, а Бутел како прерано да се предаде, па потоа беше тешко да се врати во игра.
Почетните минути го дадоа одговорот како ќе биде крајниот исход. Во првите четири минути Бутел двапати направи погрешна измена, и имаше двајца играчи помалку во поле, а за Еурофарм Пелистер немаше проблеми да ги казни сите грешки на ривалот. Од 0-4, а потоа и 2-7 во 12 минута веќе беше тешко да се врати Бутел. Гостите играа со комбиниран состав, и повеќе шанса добија оние што не играа вчера во Кавадарци.
Имаа гостите од Битола предност од „плус 8“ во првото полувреме, но на одмор се замина со резултат 16-10 за Еурофарм Пелистер.
Намалија на четири голови домаќините во вториот дел, ама Еурофарм Пелистер играше онолку колку што му требаше да ја задржи предноста, да биде во позитива и да не му дозволи на ривалот да биде во позиција да се надева на можен пресврт. На средината на второто полувреме предноста на битолчани пак се искачи на „плус 7“ (21-14), па домашниот тренер побара минута одмор.
Предноста што ја имаа гостите ја одржуваа до крај, и со победа ќе го дочекаат тимот на Загреб кој гостува во Битола во рамките од првото коло на Лига на шампионите, веќе во среда.
Во победничкиот тим на Еурофарм Пелистер, десет гола постигна Петар Атанасијевиќ од 12 обиди, а Мирче Калајџиоски даде 4 гола. Брестовац (6 одбрани) и Митревски (7) бранеа по едно полувреме.
Кај Бутел по 4 гола дадоа Димитар Узунчев и Дејан Михајловиќ.