Ракометарите на Еурофарм Пелистер интензивно ги одработуваат подготовките за новата натпреварувачка сезона во која ќе имаат двојна мисија – одбрана на титулата во Суперлигата и успешен настап во Лигата на шампионите.
По комплетирањето на првата недела, битолскиот тим влезе во новата фаза од подготовките со двојни тренинг-сесии, каде акцентот е ставен на запознавање со системот на новиот тренер Рубен Гарабаја.
Искусниот Шпанец го презеде кормилото на шампионот по заминувањето на Раул Алонсо во германски Лајпциг, а веќе ја спроведува својата визија на тренинзите.
Кон групата се приклучија и Ник Хенигман и Рудолф Хекберт, кои минатата недела беа отсутни од првиот собир, па сега составот е комплетен и подготвен за следната етапа од подготовките.
Очекувањата се големи, а новата сезона ќе биде вистински тест за спојот на свежата тренерска филозофија и шампионскиот менталитет што Еурофарм Пелистер го гради последниве години.
Следната недела битолчани ќе се подготвуваат на Златибор, каде ќе одиграат еден тест меч, пред настапот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.