Амбициозниот Охрид се најде во големи проблеми пред серијата исклучително важни натпревари. Средниот бек и еден од најискусните играчи во тимот, Хрватот Ловро Јотиќ, заработи повреда на коленото во последните секунди од дуелот со Тиквеш во рамките на петтото коло од Супер машката лига.
Несреќниот момент се случи во последната секунда од натпреварот со кавадарчани, кога Јотиќ незгодно падна откако постигна погодок.
Според првичните информации, станува збор за повреда што ќе го оддалечи од терените подолг период, но конечната дијагноза ќе биде позната по деталните лекарски прегледи.
Оваа повреда доаѓа во мошне незгоден момент за охриѓани. Тимот веќе овој викенд гостува кај шампионот Еурофарм Пелистер, клуб во кој Јотиќ настапуваше во минатото.
Следниот викенд Охрид го очекува двомечот против азербејџанскиот Баку во рамките на ЕХФ Купот, натпреварување во кое клубот има високи амбиции и големи очекувања.