Пех за Македонија – остана без една ракометарка во пресрет на ЕП!

Женската репрезентација на Македонија в понеделник ќе ги започне подготовките за настапот на Европското првенство, но со една ракометарка помалку од предвидените 21 на кои смета(ше) селекторот Кристијан Грчевски.

Универзалниот бек на Металург Автокоманда, Борјана Коцева, нема да биде дел од македонската експедиција за Унгарија, бидејќи заработи повреда на еден од прстите на шутерската рака, што ќе ја оддалечи од теренот во следниот период.

Коцева беше на претходните два собири и играше на пријателските со Австрија, како и на дуелите на „Трофеј Карпати“.

На списокот на селекторот Грчевски остануваат во комбинација 20 ракометарки, а дали ќе биде дополнително повикана уште некоја ракометарка, останува да се види.

Македонија ќе биде дел од „Кроација Куп“ во Пореч од 22 до 24 ноември и ќе тестира со домаќинот Хрватска и со Србија, а на ЕП 2024 ќе игра против Шведска, Унгарија и Турција.