По речиси две децении активна кариера, рускиот плејмејкер Павел Атман реши да каже збогум на професионалниот ракомет.
Во разговор за рускиот портал „Брз Центар“, 38-годишниот ветеран од Волгоград зборуваше искрено за причините за повлекувањето, најемотивните моменти во кариерата и своите идни планови.
Атман вели дека повредата на коленото го натерала побрзо да ја донесе одлуката за крај.
„Можев да одам на операција, но периодот за рехабилитација е долг, а на овие години тоа нема смисла. Ако беше порано, можеби ќе продолжев.“
Иако имал неколку повреди во кариерата, не сака да се фокусира на нив.
„Сериозни повреди имав само две, а многумина минуваат и низ пет-шест операции. Тоа е составен дел од професионалниот спорт.“
Атман настапуваше за бројни клубови низ Европа и светот – Русија, Белорусија, Македонија (Металург и Вардар), Германија, Катар, ОАЕ и Израел, каде што ја заврши кариерата во Хапоел Ришон Ле Зион.
„Во Израел играв со мерак и го продолжив ракометниот живот уште малку. Тамошниот спорт не е на професионално ниво, но условите и животот се одлични,“ истакна тој.
Првите трофеи ги освои со Динамо Минск и Металург, а со рускиот Каустик стигна до финалето на руското првенство. Во Германија со Хановер играше две финалиња во Купот, а на репрезентативно ниво го истакна СП 2013 во Шпанија.
„Со Русија за малку не стигнавме до полуфинале. По поразот од Словенија плачев – сакавме повеќе.“
Атман не се откажува од ракометот – само ја менува улогата.
„Разговарав со Дмитриј Никуленков уште додека играв во Израел. Сакам да пробам како тренер, но тоа е нова фаза и треба свесно да се влезе во неа,“ вели тој.
Во меѓувреме, се посветува на семејството и одморот.
„Ги чувствувам последиците од 29 години во ист ритам. Телото бара активност, срцето бара ракомет. Ќе најдам начин да останам во игра.“