Партизан не застанува – петто засилување за тимот на Раул Гонзалес

Српскиот првак Партизан го промовираше петтото засилување за наредната сезона во која ќе влезе со големи амбиции – доаѓа Јуав Лумбросо.

25-Годишниот среден бек пристигнува од редовите на Динамо Букурешт, откако претходно Партизан ги потврди трансферите на Илија Абутовиќ, Тобијас Вагнер, Милош Кос и Мигел Санчез Мигалјон.

Израелскиот репрезентативец оваа сезона во Лига на шампиони постигна 29 голови во дресот на романскиот првак, а зад себе има интернационално искуство настапувајќи за Ајзенах, Бенфика, Лимож и Макаби Реховот.

Со белградскиот клуб потпиша договор на две години.

„Возбуден сум и горд што новото поглавје во кариерата го започнувам во дресот на Партизан, клуб со богата историја и победнички менталитет. Визијата е јасна, високи амбиции и цел да се биде меѓу најдобрите во Европа. Со нетрпение очекувам да работам со Раул Гонзалес, еден од најдобрите тренери во светот, и да придонесам за нови успеси. Знам дека Партизан има одлични навивачи и едвај чекам да ја почувствувам таа атмосфера“, изјави Лумбросо.

Со ваквите потези, Партизан јасно покажува дека следната сезона ќе атакува не само на домашната сцена, туку и на сериозен исчекор во европските натпреварувања.