Српскиот првак Партизан продолжува со засилувањата за новата сезона, а најново име во „црно-белиот“ табор е австрискиот репрезентативец Тобијас Вагнер.
Станува збор за пивотмен кој во моментов настапува за францускиот Лимож, а паралелно е стандарден член и на националниот тим на Австрија. Вагнер важи за играч со искуство и физичка доминација на линијата, што треба да донесе дополнителна цврстина во играта на Партизан.
Особено се истакна на Европското првенство кое оваа година се одржа во Данска, Норвешка и Шведска. Највпечатлив настап имаше против селекцијата на Србија, кога со шест погодоци беше клучен фактор за победата на Австрија.
Пред да пристигне во Лимож, Вагнер има богато интернационално искуство, настапувајќи за екипите на Ерланген, Брегенц, Тулуз, Маргаретен и Балинген.
Со неговото доаѓање, Партизан јасно покажува дека има високи амбиции во претстојната сезона. Претходно беше промовиран и Илија Абутовиќ, а договорите беа продолжени со Иван Мичиќ и Младен Шотиќ.
























