Ракометарите на Партизан Гевгелија откако беа поразени во првото коло од плеј-аут фазата во прволигашката конкуренција, денес ги запишаа првите бодови.
Тимот од Гевгелија пред својата публика немаше поголеми проблеми против Борец, триумфираше со убедлив резултат од 38:20.
Сите дилеми беа решени уште во првиот дел, во кој домаќините лесно ја пробиваа одбраната на гостите и на пауза заминаа со висока предност, која изнесуваше девет гола разлика, 20:11.
Вториот дел повеќе беше формалност и шанса за ракометарите со помала минутажа, гостите веќе се предадоа и дозволија домаќинот осетно да ја зголеми својата предност.
Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Партизан Гевгелија, Васил Зајков, кој постигна десет погодоци. Во поразениот табор со седум погодоци се истакна Душан Крстевски.
Партизан Гевгелија во следното, 3. коло од прволигашкиот плеј-аут ќе му гостува на тимот на Астраион, додека Борец на свој терен ќе го пречека Текстилец.