Екипата на Партизан од Гевгелија без поголеми проблеми ја оправда фаворитската улога и пред својата публика убедливо го совлада последнопласираниот Кичево со 44-26, во натпревар од 14. коло, последно за оваа календарска година во Првата лига.
За гевгеличани ова беше шеста сезонска победа, воедно и втора во низа, откако во претходното коло славеа и против Овче Поле. Прашањето околу победникот беше решено уште на самиот почеток – Партизан отвори силно, поведе со 10-1 и до полувремето веќе имаше огромна предност од 25-11.
Во вториот дел домашниот тим рутински ја одржуваше и дополнително ја зголемуваше разликата, па завршницата на мечот претставуваше чиста формалност.
Најефикасен во победничкиот состав беше Димитар Атанасов со девет погодоци, додека значаен придонес дадоа и Илија Пејковски и Мартин Ашовалиев со по седум реализации.
Во редовите на Кичево се истакнаа Давор Јакимовски, Филип Тошев и Славко Бошковиќ, кои натпреварот го завршија со по седум постигнати голови.

























