Некогашната тројка од Вардар – Роберто Гарсија Парондо, Рожерио Мораеш Фереира и Даинис Кристопанс, повторно би можеле да дојдат во Скопје. Нивниот тим Мелсунген стана потенцијален ривал на „црвено-црниот“ тим во групата Ф од Лигата на Европа, но претходно треба да го мине норвешкиот Елверум во квалификациското коло.
Сите тројца во дресот на Вардар ја освоија титулата во Лигата на шампионите во 2019 година со триумфот против Веспрем.
Бразилецот Фереира во следната сезона како член на Веспрем играше против Вардар во елитната конкуренција, а по две сезони во унгарскиот гигант, една одигра во Бенфика, пред во 2022 година да се пресели во бундеслигашот.
Роберто Парондо по заминувањето од Вардар во 2019 година ја водеше репрезентацијата на Египет, до 2023 година, а од 2021 година го презема и Мелсунген.
Летонецот Кристопанс, остана една полусезона во Вардар по освојувањето на титулата, на кратко замина во Фуксе Берлин, а на почетокот на сезоната 2020/2021 се пресели во ПСЖ. Таа сезона можеше да игра против „црвено-црните“, но двете средби меѓу Вардар и ПСЖ во „корона време“ не се одиграа. Од 2023 година десниот бек е член на Мелсунген.
Ако Мелсунген го елиминира Елверум, вардаровите навивачи ќе имаат убава можност да ги поздрават некогашните членови кои имаа голема заслуга за титулата во ЛШ пред пет години.