По триумфот над Хрватска, селекцијата на Словенија забележа уште една важна победа на Олимписките игри. Пред налетот на избраниците на Урош Зорман падна Шведска, 29-24, а скандинавскиот тим целиот натпревар бркаше негатива.
Нерешено беше само на почетокот, 1-1 и 2-2, а потоа Словенците ја преземаа контролата. Имаа плус четири во текот на првиот дел, но во финишот попуштија и Шведска замина на пауза со негатива од еден гол, 15-14.
Клучниот период беше на средината на второто полувреме кога по 20-18, Словенија врза три гола за 23-18 и веќе немаше назад за Шведска.
Јанц со десет гола и Влах со осум правеа што сакаат низ шведската одбрана, а имаа поддршка од Ферлин и Лесјак кои комбинираа 13 одбрани. Кај Шведска, расположен беше само Ване со шест гола, иако и голманите Паличка и Тулин имаа добра партија со 14 одбрани.
Сега на табелата во групата А е вистинска бркотница. Хрватска, Германија, Шпанија и Словенија имаат по 4 бода, Шведска има 2, додека Јапонија е без бодови.