Македонските арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начевски ќе судат едно од двете полуфиналиња на машкиот турнир на Олимпискиот турнир во Лил.
Светската ракометна федерација ги делегираше Николов и Начевски за натпреварот меѓу Германија и Шпанија.
Овој дуел ќе се игра на стадионот „Пјер Mорој“ во Лил од 16:30 часот, а делегат ќе биде Норвежанецот Оивинд Тогстад.
Ова е уште еден во низа од успесите на најдобрата судиска двојка. Тие го судеа финалето на ЕП 2020 во Шведска, Австрија и Норвешка, финалето на ОИ 2020 во Токио, финалето на СП 2023 во Полска и Шведска, како и полуфинале на ЕП 2024 во Германија, а оваа сезона и финалето на Лигата на шампионите во машка конкуренција.
Во низата се и дуелите за бронза на СП 2013 и ЕП 2016, а зад себе имаат отусдено на седум ЕП и седум СП во серија, додека Олимписките игри во Париз се четврти во кариерата на македонските судии.