Селекцијата на Хрватска со голот на Иван Мартиновиќ во последните секунди ја совлада Јапонија со 30-29. Иако Јапонците имаа шанса во нивната акција да постигнат победнички гол, Јошида не реализираше, останаа уште петнаесетина секунди за Хрватска, Мартиновиќ одлучи тој да решава и со гол од далечина ја донесе победата на стартот на Олимписките игри.
Јапонците поведоа на стартот со 2-0, но набрзина следуваше серија на Хрватска од четири гола и нивно водство. Но нивната одбрана немаше решение за Јасухира, кој го врати мечот во егал, 6-6.
Во продолжение се играше брзо на двете страни со погодоци до 13-13. Потоа јапонскиот голман Окамото влезе во серија, хрватските грешки се зголемија и цели шест минути момците на Сигурдсон не погодија.
За тоа време „самураите“ не простуваа, а екс вардарецот Јасухира погоди во последните моменти и ја однесе Јапонија на плус пет на пауза, 18-13. Хрватска на стартот на вториот дел намали на минус 3, но потоа влезе одново во серија грешки.
Јапонија се одлепи на плус шест, 21-15, кога имаше да се играат уште дваесетина минути од натпреварот. Беше и 22-16, па за Дагур Сигурдсон немаше друго решение и мораше да бара нов тајм-аут.
Подвижната одбрана на Хрватска донесе лесни погодоци во нападот и намалија „коцкестите“ на минус два, 23-21, па јапонскиот селектор Ортега повика минута одмор да ги смири своите избраници.
Жарот се врати кај Хрватите, беа поконкретни во нападите, и на десетина минути до крај израмнија на 24-24, а потоа и поведоа. На Јасухира ги одржа надежите на Јапонците со голот за реми, 25-25.
Се играше гол за гол, а при резултат 28-28 и напад за Хрватска, Сигурдсон побара тајм-аут. Срна постигна гол, но Јапонците организираа брза акција, добија пенал, кој го реализира Јасухира.
Хрватите згрешија, а по тајм-аутот на Ортега не реализираа ниту Јапонците, па останаа уште петнаесетина секунди за победнички гол на Хрватска. Мартиновиќ ги зема работите во свои раце, погоди од далечина и почна славјето. Шест гола за победничката репрезентација даде Шоштариќ, а четири Михиќ, додека кај Јапонија, предводник беше Јасухира, но неговите десет гола не беа доволни за позитивен резултат на стартот на ОИ.