Репрезентацијата на Холандија славеше против Унгарија со 30-26 и овие две селекции го потврдија пласманот во четвртфинале на ОИ од втората односно третата позиција.
Франција без разлика на исходот од последната средба со Шпанија, ќе заврши на првата позиција во групата.
Холанѓанките во првиот дел ја имаа контролата на теренот, нивната предност се движеше меѓу два и четири гола, а на пауза беше 19-15.
Во вториот дел беше само рутински одработен натпреварот од двете страни, кои веќе со мислите беа на четвртфиналниот предизвик.
Најдобар стрелец во победничката селекција беше Абинг со седум гола, а Малестајн даде шест погодоци, додека голманките Дујиндам и Тен Холте имаа 17 одбрани.
Во унгарскиот состав голманката Биро запре 11 удари, а најдобри стрелци беа Лукач и Клујбер со по пет гола.