ПАРИЗ 2024: Франција се „качи“ на четвртфиналниот воз за Лил

Домаќинот на Олимписките игри, Франција, славеше на последната пресметка од групата против Унгарија со 24-20 и се пласираше во четвртфиналето.

Сепак Французите завршија на четвртото место во групата и ќе имаат тежок ривал во битката за полуфинале, а тоа ќе биде Германија, која беше прва во групата А.

Во првиот дел избраниците на Гијом Жил имаа во повеќе наврати плус четири, а на пауза се замина со плус три, 11-8.

Во второто полувреме Унгарците не се предадоа, напротив, успеаја да направат комплетен пресврт и да поведат со 19-18 преку Лекаи.

Французите соочени со притисокот дека мора да победат за пласман понатаму, ја стегнаа одбраната, Ремили, Мем и Пранди погодуваа и следуваше камбек за водство со четири гола, 23-19.

До крајот немаше време и француското славје можеше да почне. Пранди со шест и Мем и Деска со по пет гола беа најдобри стрелци, а голманот Жерар запиша 11 одбрани. Во Унгарија, која се враќа дома, се истакна Имре со шест гола.