Ракометарите на Олимпијакос го одработија тренингот во СРЦ „Билјанини Извори“, каде што утре ги чека полна сала за реваншот со Охрид.
Во првиот четвртфинален двобој од ЕХФ Европскиот Куп, македонскиот тим славеше среде Атина со 31-26, но Грците не се откажуваат од бркање на негативата и пласман во полуфиналето.
Десниот бек Танасис Папазоглу најави решителен пристап, потенцирајќи дека тимот е подготвен да се бори за пласман во следната фаза.
„Го играме вториот натпревар од двомечот со Охрид. Ги анализиравме нашите грешки и работевме на нив во текот на неделата, со цел да го надоместиме негативниот резултат од домашен терен и да се избориме за пласман во следната рунда“, изјави Папазоглу.
Реваншот меѓу Охрид и Олимпијакос се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот.
























