ФОТО: Jozo Cabraja/ kolektiff

Падна првата селекторска жртва на ЕП

После завршувањето на првата фаза на Европското првенство 2024 веќе падна и првиот отказ за селектор кој водеше репрезентација на континенталниот собир.

Станува збор за поранешниот тренер на Вардар, Урош Брегар, кој со репрезентацијата на Србија не ги оствари зацртаните цели на шампионатот.

Иако амбициите на Србија беа големи на ЕП, сепак, нашиот северен сосед групната фаза ја заврши со три порази.

Србија најпрво беше поразена во балканското дерби од Црна Гора, потоа следуваше поразот од Чешка, а во последното коло не успеа да ја надигра Романија.

Брегар репрезентацијата на Србија ја презеде пред три години, а под негово водство Србинките учествуваа на три големи натпреварувања.

Ракометната куќа на Србија утре треба само да ја официјализира смената на стратегот од Словенија. Репрезентацијата на Србија на ова ЕП заврши на 21 место, на Мундијалот во 2023, исто така беше 21, додека на претходното ЕП (2022) беше 15 место.