Екипата на Овче Поле СУ дојде до значајна гостинска победа во 12. коло од прволигашката конкуренција, откако во Прилеп ја совлада Деспина со минимални 21-20 и ја забележа осмата сезонска победа.
Овче Поле СУ сега има 18 бодови, два повеќе од Ѓорче Петров 2, кој има и два меча помалку, па тимот од Свети Николе може да се вмеша во борбата за врвот напролет.
Домашниот состав подобро го отвори натпреварот, но гостинките брзо воспоставија рамнотежа, а како одминуваше времето така ја преземаа контролата врз резултатот. Овче Поле СУ на паузата водеше со 10-7, а во продолжението успешно ја одржуваше позитивата.
Прилепчанки имаа свои моменти и шанси за целосен камбек, но не успеаја да ги искористат, а дополнителен хендикеп за нив беше исклучувањето на искусната Мери Гичева, која две минути пред крајот заработи црвен картон.
Во победничкиот табор најрасположена беше Елена Вучевска со девет погодоци, додека Анастасија Сентовска имаше шест. Кај Деспина, најефикасна беше Мери Гичева со осум погодоци, Маја Ристеска постигна четири, а Анастасија Јованоска три гола.

























