„Ова не е лицето на Вардар!“ – Недановски ја посочи главната причина за поразот во Португалија

Вардар замина со големи очекувања во Португалија на дуелот со Бенфика од Лига Европа, но се вратија со пораз од 35-40, и одиграа меч во кој имаа над 20 технички грешки и десетина зицери. А тргнаа одлично скопјани, имаа водство од 7-4 на почетокот, и наместо да продолжат застанаа.

Спортскиот директор на скопјани Владо Недановски, во изјава за спортско радио 90,3 смета дека португалците се добар тим, но дека резултатот е по „вина на Вардар“.

„Бенфика е добар тим, но резултатот е по наша вина. Тоа е тим против кој може да се игра и да се победи. Но имавме лош ден, со многу грешки и толку промашувања. Немаше премногу луѓе во салата за да имаме притисок, можеби патот, заморот и уморните играчи си го направија своето. Не знам што да кажам – имавме над 20 технички грешки и десетина зицери, изјави Недановски.

Сега следува мечот со Мелсунген следната недела, а ништо не е решено бидејќи трите екипи имаат по 2 бода (Вардар, Бенфика и Кристијанштад) и остануваат уште три кола.

„Против Мелсунген можеме да очекуваме борба и се надевам на позитивен резултат. Ова не е лицето на Вардар, знаеме подобро да играме. Треба да се работи, да се намалат техничките грешки и да се тренира реализацијата на зицерите. Со полна сала може да дојдеме до позитивен резултат.
Борбата за 2-3 место ќе биде неизвесна. Мелсунген се одлепи, но сите три екипи имаат шанси. Ние се надеваме на победи на домашен терен, па можеби со Бенфика да биде решавачко. Ќе покаже времето, смета Недановски.

 

Вардар поведе – па „СЕ РАСПАДНА“ во Лисабон