„Ова ЕП требаше да биде откажано – календарот е пренатрупан“

Селекторот на женската репрезентација на Шведска, Томас Акснер, изрази незадоволство поради натрупаниот распоред на ракометарките.

Според него, бројката на натпревари за клубовите и националните тимови, во година во која има три големи натпреварувања, создава опасна ситуација што може да го загрози здравјето на ракометарките.

„Ракометарките се принудени да играат цела година практично без одмор. По Олимписките игри тие веднаш стартуваат со натпревари во Лигата на шампионите, а националните првенства се играат до крајот на мај. Тоа е пренатрупан распоред, кој треба да се ревидира. Сега имаме ситуации кога се повеќе од ракометарките се откажуваат од настапите за националните тимови поради замор и високиот ризик од повреди. Ако не се преземе нешто, последиците ќе бидат уште поголеми“, изјави Акснер за скандинавските медиуми.

Тој предложи да се разгледа варијантата да биде откажано ЕП во годините кога има ОИ.

„Не настојувам да бидат откажани конкретно европските првенства, но мора да се разгледа и таа варијанта кога се формираат календарите“, заврши Акснер.

Шведска ја заврши групната фаза со две победи над Турција и Македонија, а загуби од Унгарија, додека во главната рунда беше поразена од Романија и Франција.